ЛОКАЛНИ НАСТАНИ И ПРИРАЧНИЦИ ЗА ПРОЕКТОТ “GENBALL”

Повеќе од 100 учесници од Македонија учествуваа на локалната работилница и на завршниот настан „Родовата еднаквост како нова сила во спортот – GENBALL“, кои од 9 до 21 ноември се одржаа во Скопје.

Работилниците беа наменети за спортски клубови и организации, организации кои работат на тема родова еднаквост, спортист/ки, тренери, спортски судии и со цел се промовира поголемо учество на жените и девојките во спортот, но и да се отвори јавен дијалог за креирање на поддржувачка средина за нивно активно учество, како на теренот така и на раководни позиции во спортот. Нагласена беше и потребата за рамноправно учество на жените не само како спортстки туку и во процесот на донесување одлуки, водење на клубови и спортски организации. 

На завршниот настан свој придонес дадоа и нашите хероини: Александра Војнеска Зикова, претседателка на Атлетска федерација на Северна Македонија – АФСМ, Ангела Рајчевска, новинарка во МИА и фудбалска судијка, м-р Бојана Јовановска, истражувачка за Институтот за комуникациски студии, Татјана Блажевска, советничка за родова еднаквост за национален спорт при Министерството за спорт на РСМ, Ема Никочевиќ, прва македонска ФИБА судијка, Менка Стојановска, спортистка и м-р Катерина Николоска, учесничка на Олимпијада. Тие ни ги презентираа нивните лични приказни и предизвици, споделија практики и искуства од Европа, и ги споделија нивните видувања и дадоа препораки за како заедно да изградиме поддржувачка средина.

Се презентираа и резултатите од проектот, кој има за цел да промовира оддржливи модели на неформално образование и кој ја зајакнува родовата еднаквост во спортот, со предложени насоки за идни активности. Заклучоците од настаните укажуваат на важноста од понатамошна работа на поттикнување на жените и девојките за активно учество во спортските активности, но и во раководните структури на спортот. 

Во прилог ги објавуваме и прирачникот и водичот изработени во рамките на проектот, кои може да ги прочитате на англиски, српски, црногорски и македонски јазик. ПРИРАЧНИК  ВОДИЧ

Асоцијација за напредок, едукација и лобирање – НЕЛ Скопје ги спроведе локалните настани во рамките на проектот „Родовата еднаквост како нова сила во спортот – GENBALL“, кој е финансиран од програмата Еразмус+ на Европската Комисија. Проектот е предводен од ФК Црвена Звезда од Србија и во партнерство со ФК Брезница Плевља и АДП ЗИД од Црна Гора.